Live from Malmo #1

15/05/2013 | Posted in News | By

Уфффф Шведска. Значи, кога победија лани, се испофалија на сите усти како ќе организирале најдобра Евровизија до сега. И не шлакнаа во Малме, кој ај‘ да кажеш, не е толку мал (300.000 жители, плус-минус), ама ниту нешто го украсија градов да заличи така Евровизиски, туку уште и целиот е градилиште. Да не кажам, проект Малме 2014 или 2015 како да е во тек. Ајде и тоа да им го простиме – ама дека прес центарот нема компјутери туку мораш да си м‘кнаш сам, или да ги ‘ренташ‘ од шалтер како во библиотека и да го вратиш до крај на работно време, па утре јово наново, дека прес центарот секој ден отвара во различно време, некогаш дури во 3 попладне  – а згора на тоа и интернетот паѓа секоја втора минута па не дај боже да правиш аплоуд на слики или видеа, е тоа не им го простувам. Најлошо организирана Евровизија до сега, од наша гледна точка. Дека не ни даваат бесплатно јадење и сокови како што сме се размазиле до сега, па ни тоа не им го простуваме. А и вода има само од чешма, пошто, нели, ја штитиме природата. (Кафе и топла вода за чај додуше, има.) Како што велат швеѓаните околу нас, ‘не е ова Азарбејџан‘. Додека тие го мислат тоа во позитивно светло, од типот на ‘нема тука лабаво‘, ние си мислиме, е навистина не е – баш и не би ни дошло лошо да е нешто полабаво, и да не почасти некој со гага скаричка. И си одиме во најблискиот МекДоналдс, со купони за попуст.

919299_10201245256912138_234821243_oМалку подоцна ни е ова иницијално јавување, ем поради шокот од лошата организација, ем дека интернетот ни беше тапа. Па оставивме два три дена да ни спласне лутината, да не бидеме ептен отровни. Што имавме до сега? Отворањето со црвениот тепих, за кои ги имате сите слики на нашиот Фејсбук профил (https://www.facebook.com/ogaemacedonia). Имаше и некои забави во Евро Клубот, така-така беа, ништо посебно. Имаше и српска забава – е тоа беше одлично. Се изнасмеавме и со трите србинки, и со црногорците ни рапери плус Нина, и со хрватската клапа од море, американската словенка Хана, плус и Марија Шерифовиќ беше таму, расположена. Журка за душа. А вчера беше и македонско/бугарската забава, на која имаше ршум гужва, и на која Есма, Лозано енд компани направија одличен мини концерт. Со овации. И емоции.

 
964823_572723009428070_1523182394_oЕсма и Лозано си ја одработуваат Евровизијата многу професионално. Интервјуа, појавувања на настани, насмеани, културни, без утка. Уво не боли за мислењата за тоа како ќе сме се пласирале, ама и за двајцата слушаме само зборови на почит. Генерално ние (македонците) сме многу покритички настроени кон нашата песна претставничка отколку странците. Тие, искрено речено,, повеќе и се наклонети на песната која ние брутално ја исфрливме од трка (‘Империја‘) отколку на ‘Пред да се раздени‘. За голем пех ни се води тоа што сме единствени од бившите југословенски републики кои настапуваат во второто полуфинале (демек, нема кој да не гласа).  Гласовните можности на Лозано се насекаде фалени, и од машките вокали годинава е поприлично супериорен, а бидејќи неговиот глас ја води песната, не стравуваме дека ќе има критики од тој аспект. Критиките се главно насочени кон спојот на деловите кои ги пее Лозано и оние кои ги пее Есма, како да нема континуитет – додека делот на Лозано е од тип балада каде што доминира неговиот вокал, делот на Есма е во денс ритам и ги крева сите на нозе. И двата дела се добри, ама не се поврзани. ‘Империја‘, велат, им била покомплетна.

Сега веќе првото полуфинале е позади нас, и знаеме дека сите балканци испаднаа. Останавме само ние во второто полуфинале, со сите пријатели и непријатели кои можеби ќе, а можеби и нема да гласаат за нас. Две струи кружат: или ‘севишниот‘, кој и да е, ќе мора да не пушти понатаму за да се запази рамнотежа во универзумот и барем еден бивши-ЈУ да има во финале, или сите ќе не шутне. Е сега, ако сите балканци иселеници се обединат и гласаат за Македонија во второто полуфинале, може и тоа да ни е на арно. За жиријата нема да коментираме, бидејќи не им веруваме, и мислиме дека воопшто не се стручни во поглед на конкретново гласање без оглед на стручноста во професијата. А и од нив зависиме. Па оди сега калкулирај, да те видам. Во мал прилог ни оди и што Унгарија, Романија, Бугарија имаат и голема ромска популација, и што тој мелос им е близок. И што Лозано има одличен вокал. Ама тие размислувања се многу често сосема небитни, некои други калкулации стапуваат во игра.

OGAE Macedonia in Malmo

Дека Данска е фаворит, веќе и птиците на Анук знаат, па ќе го баталиме тој муабет, не е интересен.

Толку за прво јавување. Се читаме повторно. Многу ни фали Азербејџан. А и во севдах сме за сите ‘наши‘ што отпаднаа вчера. Плус ни е ладно. (Не сме гладни, тоа е позитивно.)

Ве сакаат од Малме, ваши Милка, Тања, Лиле и Игор.

Read More...

Павилионот Moriska ќе биде Euro Fan Cafe со се што посакуваат фановите на Евросонг

25/03/2013 | Posted in News, OGAE | By

moriskahusframsidaКако дел од понудата на градот Малме како домаќин, убавиот и распространетиот Moriska павиљон ќе има уникатна Евровизиска програма во текот на денот и ноќта и ќе претставува место за дружба за време на Eurosong 2013.

Moriska павиљонот во Малме ќе биде домаќин на “Euro Fan Cafe” од 6-18 мај 2013 година. Организацијата на настаните во овој клуб е овозможена од градот Малме.

Годиншното café ќе содржи подиум за танцување со 100% евровизиска музика, исполнета со изведувачите од овогодинешниот Евросонг, како и изведувачи од претходните години. Во содржината ќе бидат присутни големи квизови, разговори со учесниците, филмови, специјални настапи, како и караоке вечер насловена “Nil Points”.

Продуцентот на Евросонг 2013 изјави: “Фановите се витален и важен дел од Евросонгот. Јас сум навистина среќен за оваа иницијатива од градот Малме и павилионот Moriska, кој ќе биде одлично место за средба на фановите”. “Искрено се надевам дека ќе имам време да се запознаам со фановите кои во мај ќе бидат во Euro Fan Café.”

Павилионот Moriska содржи:
Бистро и бар со сцена за настапи и пристапно мени од скандинавската кујна (капацитет: 150 лица)
The Mirror Room, перфектен простор за клубови и концерти од средна големина (капацитет: 400 лица)
The Grand Room, наменета за поголеми клубови, концерти и приватни настани (капацитет: 1000 лица)
The Outdoor Space, одличен простор за релаксација и разговори во свежите ноќи во Малме.

Павилионот Moriska соработуваше со OGAE International, Melodifestivalklubben Sweden и познатиот сајт 12points.tv за да се направи програма за тврокорните фанови, но и за обичната публика.

Програмата ја составија Ozan Sunar (уметнички директор на Moriska павилионот), Albin Balthasar (креативен продуцент кој работи во Малме) и  Rick Jacobs (жител на Малме и еден од уредниците на сајтот 12points.tv).

Albin Balthasar изјави: “Нашата цел е овој објект да е креиран од фановите за фановите, со цел вашиот престој во Малме да биде исполнет со специјални Евросонг настани кои ги сакате и ги заслужувате.”

Rick Jacobs изјави: “Покрај настапите во живо од сегашните претставници и претставници од минатото, ние ќе имаме 100% евровизиска музика во целиот објект уште две седмици пред Евросонгот.”

 

moriska_2Во текот на април ќе бидат објавени работните часови, како и програмата.

За павилионот Moriska:
Павилионот Moriska е изграден пред 110 години, на централно место во средината на еден од многуте паркови во Малме. Во 2011-та е реотворен од страна на Ozan Sunar, познат по рекреирањето на Södra Teatern (Јужен театар) во Стокхолм. Денес, овој павилион има репутација како домаќин на најдобрите клубови, концерти и најкреативните луѓе од јужниот дел на Шведска. Со неговите големи простории и восхитувачкиот интериер, објектот е најпопуларна локација за клубови и настани од културата во Малме.

Read More...

Поранешни евровизиски учесници на Сунчане Скале 2012 во Херцег Нови

15/06/2012 | Posted in News | By

Музичкиот фестивал Сунчане Скале од година во година станува се попопуларен и познат по тоа што на него учествуваат и меѓународно признати пејачи. Оваа година на него ќе имаме можност да видиме и некои бивчи евровизиски претставници, како од самата Евровизија, така и од националните избори. Фестивалот има две програми: ‘Нови ѕвезди‘, кој годинава ќе се одржи на 2ри јули, и ‘Песна на летото‘, кој ќе се одржи ден потоа. Меѓународните изведувачи ќе се натпреваруваат за Песна на летото 2012.

Вклучувањето на евровизиски претставници во програмата е идеја на продуцентот Милица Фајгељ, која има искуство од повеќе меѓународни музички фестивали. Минатата година таа му беше менаџер на победникот на Сунчане Скале, американецот Кјупид (Qpid) кој живее и работи во Шведска, кој победи со песната ‘Под радарот‘ (Under the Radar) на Red One продукција. Според Милица, како што фестивалот добива се поголемо меќународно внимание, така се отвораат и поголеми можности да црногорската сцена ја посетат и поспецифични и уникатни интерпретатори.

Најпознатиот евровизиски пејач годинава е Марцин Мрозински, кој повторно ќе ја претставува Полска како што ја претставуваше и на Евровизија 2010. Неговата балада ‘Дали е тоа вистинска љубов‘ (Is That a Real Love) ќе биде изведена на англиски, а на неговиот следен студоски албум композицијата ќе биде достапна и на полски.

На фестивалот ќе можете да слушнете и малку турски диско ритам во изведба на Дениз Џем, кој доаѓа од Истанбул со својата композиција ‘Ми треба само твојата љубов‘ (I Just Need Your Love). Дениз учествувал на над десетина музички фестивали ширум светот, и поради својата огромна музичка енергија и певливите композиции турските медиуми го нарекуваат ‘нов Таркан‘.

Фестивалот Сунчане Скале за прв пат ќе има и претставник од Норвешка – Рике Норман, позната по учеството на Мелоди Гран При фестивалите во 2011 и 2012. Рике Норман е диско-нео-соул-фанк дива која живее во Осло, и нејзината харизматична појава сигурно ќе остави позитивни впечатоци врз фестивалската публика. Рике ќе настапи со композицијата ‘Замирање‘ (Fading Away).

Read More...