Live from Baku #1

23/05/2012 | Posted in News | By

21 мај 2012

Live from Baku, Милка и Игор!

Кај сте бе, дечки?

Патувањето наваму убаво не служеше (со Туркишшш, преку Истанбул), фала на прашање. Стигнавме на раат, на време, а уз пат и не наранија по тоа авионите, прописно. Надлетувањето над Азербејџан е возбудливо, пошто е ветровита територија, и почнува со пустина а завршува на море. Касписко. Додуше, и тој делот пред морето е тро‘ пустински. Нема тука многу вегетација. Градот е убав, сполај ти, час мислиш си во Дубаи, час во Куманово, па ‘во Београду‘. Калабалак од згради во секакви можни стилови, ама интересни. Луѓето се пријатни, фини, услужливи – само што зјапаат во нас (и во сите други странци, особено тие со акредитации како висулчиња), како да сме паднати од небо.  Стар тритмант! Фала богу и ние еднаш да се осеќаме како ѕвезди, а да не сме. Море сме. (Па што!)

Како што бива на секоја Евровизија, и годинава иста песна: спиење максимално 4 саати на ден, пошто време се нема да се постигне се. Милка, нормално, МОРА да ги посети сите забави. (Значи, реков МОРА.) А бидејќи женско само навечер по Баку не се движи, Стонога и јас си одиме секаде со неа и ги убедуваме минувачите дека Милка е травестит. (Демек, со тоа поарно ќе си поминеш.) Ма нема врска, се зезам. Ништо до сега се нема случено, и нема извештаи за проблеми од кога странциве (ние) го опседнавме Баку, ама навистина женско по улица навечер нема да видиш, освен еве вака, како ние што си ја имаме Милка.

Нема да ве заморувам со смештај и проблемите околу него, главно имаме стан и кревет за спиење (кои ги гледаме, рековме, 4 саати на ден, вклучувајќи го тука и утринското кафе кое сами си го вариме и кое специјално си го донесовме од Скопје – Гранд Арома, ако баш морате да знаете, а Стонога донесе ѓезве). Туку, знаете кој е Стонога? Ајде да го дообјаснам, за неупатените – Стонога, кој у ствари се вика Аднан, или на галено Адо, е новинар од Радио Гетеборг кој работи програма на босански, и ја следи Евровизијата редовно, по работа. Како и ние, додуше. Годинава се исподоговоривме и заеднички рентавме стан (тој што го гледаме 4 саати дневно), и ги делиме трошоците. Ма лудница бре, болан. Инаку Стонога има некој слушател македонец во Гетеборг кој се вика Трифун (и има ‘женкица‘ што се вика Анастазија), кој му се јавува секој ден да си нарача песна (за себе и женкицата), и го вика Едо, иако сто пати му е објаснето дека името е Адо, а не Едо. По некоја случајност, Трифун му ја нарачал еднаш и песната ‘Милке, душо‘ која за Милка наша има особено значење… Туку, до кај бевме ние?

Евровизијата официјално се отвори во саботата на 19ти мај. Досега најнеорганизирано од било кога – кога црвениот тепих требаше да почне во седум-нула-нула навечер, тепихот сеуште го местеа и лепеа за асфалтот. Почна околу осум-нула-нула. Саат време на пустинска клима, милина. Кога почнаа делегациите да дефилираат, ние веќе бевме цркнати уморни од стоење на сонцено. Па се беше некако споро, стоевме додека можевме и додека не ни цркнаа батериите во камерите, па влеговме внатре да поткаснеме нешто пошто – гладни, нели… (Не дека не бевме цел ден јадени, бевме во ресторан Далида во центарот на Баку претходно и фино јадевме – Милка пица, јас хамбургер – ама од тогаш веќе 6 саати попминаа.) Кога она – нема јадење никаде, а си беше наведено дека ќе има ордеверчиња, ти реков ми рече, закуска, што ли. Имаше за делегациите, а ние не сме нивен член, ама и за нив – само по четворица од делегација можеа да влезат во ВИП делот. Скромно, де… Затоа алкохолот беше бесплатен, па се фрливме на тоа. За разлика од алкохолот, безалкохолните пијалоци се плаќаа. Чудно за една муслиманска земја, нели? Е, и тоа да видиш…

Во неделата на 20ти, подработевме што подработевме од сабајле (не многу, пошто претходната вечер се прибравме дома во 5 и пол, па се освестувавме во прес центарот), ама немаше премногу време бидејќи, нели, забава не смее да се пропушти, а српската почнуваше во 6. Па потоа веднаш следеше холандската. А по неа – израелската. Е ај‘ оди пропушти некоја? Мислам, Џоан Франка од Холандија ако не ја видиш во живо со пердувите на глава, ништо не си видел. И така, сите забави од неделата ги протеравме – освен руската, која ја пропуштивме во чест на Жељко пошто беа во исто време. Плус руската забава беше некаде уџумајлија, се одеше со автобус, и имаше место за само 28 луѓе. Отпосле дознавме дека била за никаде, значи, добар избор сме направиле. Као, им наплаќале по 100 евра за да имаат маса за седење. Не знам јас таа работа. Ние ништо не плативме, а супер си поминавме. Кај Жељко беше ептен на ниво, со амбасадорот на Србија во Азербејџан и сите марифети, како што доликува на забава што е закажана од 6 до 8 вечер. Имаше и убави ордевери, пијалоци, се што треба. Плус дојдоа сите од бивша ЈУ, ем Иви лепотицата од Кипар, па Гаитана од Украина, Лореен од Свериге… Убаво беше, стварно. Ене и слики имаме да видите. (А кога ќе се видите со Милица, нека ви раскаже за шишето вотка.)

Холандската забава беше една од поуспешните, на отворено, во ресторан на шеталиштето покрај море, и една толпа локално население која стоеше околу ресторанот и зјапаше во сите што беа внатре како да Холивуд се преселил во Баку. (А да знаеја само кои лузери биле внатре…) Имаше многу народ – да не беше Црногорската делегација немаше шанси да не пуштат внатре, тие не внесоа со нив (нашата делегација не не кани никаде пошто не не играат – со странци поарно им оди муабетот, па затоа сега и си ги имаме во делегација). Другите делегации не дружат фино, па со нив влегуваме каде инаку не би можеле (Српската најмногу не почитува, Милица да ни е жива и здрава, а годинава ете и Црногорската ни е наклонета). Сите се малку во прашалник зошто нашите не си играат со нас, кога ем растураме во ‘Човече, не љути се‘, ем земено вкупно, минативе неколку години по број на одработени саати најмногу имаме работено по Евровизии од сите наши вистински новинари. А јас си мислам, тоа може да е нов и многу паметен тренд. Дружи си ги странците пошто од нашите медиуми, кои и да се, поен нема да видиш – македонците не можат да гласаат за Македонија, а дури и да можат, не се знае никогаш дали и навистина ќе гласаат, по принципот ‘на комшијата козата‘. А ако од некого немаш корист, што ќе ти го, нели… Затоа можеби странските делегации нас и не шмирглаат, пошто си мислат, еве сега добар напис, позитивна реклама, и оп! Ете ти поенче од Македонија. Има тука некоја логика. Па ако размислам поубаво – и не треба нашиве да не дружат. Ама барем за новинарските акредитации да не се расправаме секоја година, да не мора како годинава да ги добиваме преку други држави и институции (господ здравје да им даде). Или да добиевме некој прес материјал (ако веќе го има) без да мораме да молиме како сирачиња, пошто кој веќе не не праша за промо материјал на Калиопи, а ние немаме ни за нас да им ги дадеме нашите. Ама ај‘ нема врска, не сме дојдени тука за делегацијата и логистиката на ем-ти-ви туку за Калиопи. На Калиопи & компани секоја чест, таа не дружи колку што може – не ни очекуваме повеќе, пошто е нон-стоп барана, каде и да се појави веднаш околу неа новинари за муабет. Така и треба. Ние од страна ќе сликнеме неколку пати, ќе си мафнеме или намигнеме, и доволно е. Само таа нека си го чува гласот, за некој ден треба да отпее баш така како и што знаеме дека ќе отпее. А ние сме тука да го промафтаме знамето од време на време, колку да дадеме до знаење дека некој од Македонија сепак е присутен во овој прес центар. И дека ќе има некој во сала да ја бодри Калиопи во првите редови, да знае дека некој, сепак, е со неа, и за неа, и дека некој, ете, се довлечкал дури до Азербејџан само заради неа, од мерак.  И за тоа не добива дневници. (Мислиме на дневници со денарска противвредност, а не на дневници каде што класниот/класната запишува неоправдани.)

Aпропо промо материјали, годинава доста оскудно. Од година во година се забележува опаѓање во квантитетот и квалитетот на промотивните материјали, што значи дека сите штедат. И ние сигурно не сме имуни на тоа. Бројот на присутни новинари е исто опаднат – Дојче Веле, на пример, реномирана куќа која редовно праќала цела екипа на Евровизија и покривала програма на неколку јазици, годинава изгледа не пратила ниту еден. Оскудација. Сега баш разменувам информации по е-маил со една нивна новинарка со која редовно се гледавме по Евровизииве еднаш годишно, пошто го покрива настанот далечински, од информации што ги добива од други како нас. Тоа ти е.

И до каде дојдовме? Последната забава, по Холандската, беше Израелската во Евроклубот. Не знам дали навистина беше досадно или ние бевме веќе уморни (плус под импресии од претходната Холандска журка која беше извонредна), не се задржавме премногу и си отидовме некако рано. Настапот на Изабо, додуше, беше одличен. Ене ѕирнете некоја слика, колку да се знае дека и тоа се случило.

Ту би контињуд. Бидете така. Ваши, Милка и Игор.

Read More...