15/05/2013 | Posted in: News

Уфффф Шведска. Значи, кога победија лани, се испофалија на сите усти како ќе организирале најдобра Евровизија до сега. И не шлакнаа во Малме, кој ај‘ да кажеш, не е толку мал (300.000 жители, плус-минус), ама ниту нешто го украсија градов да заличи така Евровизиски, туку уште и целиот е градилиште. Да не кажам, проект Малме 2014 или 2015 како да е во тек. Ајде и тоа да им го простиме – ама дека прес центарот нема компјутери туку мораш да си м‘кнаш сам, или да ги ‘ренташ‘ од шалтер како во библиотека и да го вратиш до крај на работно време, па утре јово наново, дека прес центарот секој ден отвара во различно време, некогаш дури во 3 попладне  – а згора на тоа и интернетот паѓа секоја втора минута па не дај боже да правиш аплоуд на слики или видеа, е тоа не им го простувам. Најлошо организирана Евровизија до сега, од наша гледна точка. Дека не ни даваат бесплатно јадење и сокови како што сме се размазиле до сега, па ни тоа не им го простуваме. А и вода има само од чешма, пошто, нели, ја штитиме природата. (Кафе и топла вода за чај додуше, има.) Како што велат швеѓаните околу нас, ‘не е ова Азарбејџан‘. Додека тие го мислат тоа во позитивно светло, од типот на ‘нема тука лабаво‘, ние си мислиме, е навистина не е – баш и не би ни дошло лошо да е нешто полабаво, и да не почасти некој со гага скаричка. И си одиме во најблискиот МекДоналдс, со купони за попуст.

919299_10201245256912138_234821243_oМалку подоцна ни е ова иницијално јавување, ем поради шокот од лошата организација, ем дека интернетот ни беше тапа. Па оставивме два три дена да ни спласне лутината, да не бидеме ептен отровни. Што имавме до сега? Отворањето со црвениот тепих, за кои ги имате сите слики на нашиот Фејсбук профил (https://www.facebook.com/ogaemacedonia). Имаше и некои забави во Евро Клубот, така-така беа, ништо посебно. Имаше и српска забава – е тоа беше одлично. Се изнасмеавме и со трите србинки, и со црногорците ни рапери плус Нина, и со хрватската клапа од море, американската словенка Хана, плус и Марија Шерифовиќ беше таму, расположена. Журка за душа. А вчера беше и македонско/бугарската забава, на која имаше ршум гужва, и на која Есма, Лозано енд компани направија одличен мини концерт. Со овации. И емоции.

 
964823_572723009428070_1523182394_oЕсма и Лозано си ја одработуваат Евровизијата многу професионално. Интервјуа, појавувања на настани, насмеани, културни, без утка. Уво не боли за мислењата за тоа како ќе сме се пласирале, ама и за двајцата слушаме само зборови на почит. Генерално ние (македонците) сме многу покритички настроени кон нашата песна претставничка отколку странците. Тие, искрено речено,, повеќе и се наклонети на песната која ние брутално ја исфрливме од трка (‘Империја‘) отколку на ‘Пред да се раздени‘. За голем пех ни се води тоа што сме единствени од бившите југословенски републики кои настапуваат во второто полуфинале (демек, нема кој да не гласа).  Гласовните можности на Лозано се насекаде фалени, и од машките вокали годинава е поприлично супериорен, а бидејќи неговиот глас ја води песната, не стравуваме дека ќе има критики од тој аспект. Критиките се главно насочени кон спојот на деловите кои ги пее Лозано и оние кои ги пее Есма, како да нема континуитет – додека делот на Лозано е од тип балада каде што доминира неговиот вокал, делот на Есма е во денс ритам и ги крева сите на нозе. И двата дела се добри, ама не се поврзани. ‘Империја‘, велат, им била покомплетна.

Сега веќе првото полуфинале е позади нас, и знаеме дека сите балканци испаднаа. Останавме само ние во второто полуфинале, со сите пријатели и непријатели кои можеби ќе, а можеби и нема да гласаат за нас. Две струи кружат: или ‘севишниот‘, кој и да е, ќе мора да не пушти понатаму за да се запази рамнотежа во универзумот и барем еден бивши-ЈУ да има во финале, или сите ќе не шутне. Е сега, ако сите балканци иселеници се обединат и гласаат за Македонија во второто полуфинале, може и тоа да ни е на арно. За жиријата нема да коментираме, бидејќи не им веруваме, и мислиме дека воопшто не се стручни во поглед на конкретново гласање без оглед на стручноста во професијата. А и од нив зависиме. Па оди сега калкулирај, да те видам. Во мал прилог ни оди и што Унгарија, Романија, Бугарија имаат и голема ромска популација, и што тој мелос им е близок. И што Лозано има одличен вокал. Ама тие размислувања се многу често сосема небитни, некои други калкулации стапуваат во игра.

OGAE Macedonia in Malmo

Дека Данска е фаворит, веќе и птиците на Анук знаат, па ќе го баталиме тој муабет, не е интересен.

Толку за прво јавување. Се читаме повторно. Многу ни фали Азербејџан. А и во севдах сме за сите ‘наши‘ што отпаднаа вчера. Плус ни е ладно. (Не сме гладни, тоа е позитивно.)

Ве сакаат од Малме, ваши Милка, Тања, Лиле и Игор.