24/05/2012 | Posted in: News

24 мај 2012
Кај сте бе, патриоти?

Искрено се извинуваме што не немаше последниве два-три дена со малку повеќе текст, ама немавме време од трчаници на сите страни. Логистикава во Баку е комплицирана, а најлошо од се е што немаме интернет во станот па за се мораме да доаѓаме во прес центар да завршиме работа. Не е ова Македонија, земја на интернетот, па насекаде да си наоѓаш ви-фи без проблем.

Не дека нешто посебно сте пропуштиле – понеделникот и вторникот беа во знак на првото полуфинале кое за нас не е нешто многу битно. Уште веднаш правам исправка на критиката од претходниот текст дека делегацијата не остава без прес материјали – утредента ни стигна цело туце ЦД-а од Калиопи, па сме добро опремени, а и сме ги поделиле како што доликува, затоа и се прави тој промо материјал . Чекаме уште маички од Калиопи, мислевме со Милка да се униформираме вечер за во сала, ама дали ќе успееме да се видиме со тимот на Калиопи денес, не знаеме, пошто имаат напорен ден (проба па ‘она вистинското‘ на полноќ). Не е битно, и така само знамето ќе ни се гледа пошто боде очи со боите. Од журките нема што многу да се известува, по некоја слика која може да ја најдете (у ствари, сите слики се таму) на нашиот Фејсбук профил на http://www.facebook.com/ogaemacedonia). Бевме уште и на Хрватската и на Германската делегациска забава, од кои Хрватската повеќе не бендиса пошто беше во интимен, приватен, мал локал ама дојдоа многу луѓе, се стоеше и надвор пред кафана со муабети, муабети… И сите со чашите… Дојдоа и Калиопи, и Жељко, и Ева Бото, и Маја Сар, па и Гаитана и остали… Многу пријатна, необавезна атмосфера, со хрватско винце и мали закуски (за винцето ве молам обавезно да ја прашате Милка кога ќе ја видите, јас сум по тоа прашање ноу комент). Нина отпеа неколку песни во живо, со мал бенд, одлична беше. Жељко беше исто опуштен пошто не го следеа папараци на сите страни па можеше да здивне малце, лежерно. Инаку, ако не сте знаеле, Нина е прекрасна. Јас обично си мислам дека сите популарни особи се така, малце со носовите нагоре, ама во случајов – не. (Лореен, на пример, да – а од пред две минути е само на сцена, што се вели. Не можеш да и пријдеш кешким Мајкл Џексон се дигнал од мртви и сега нема таа време за обичен народ, мнооогу е славна. Со такво однесување, од мене автоматски добива нула поени, па песната и евергрин да и е, а не и е.) Со Нина можеш да се размуабетиш за се и сешто, и си памети кого си го запознала и се поздравува најнормално каде и да те види, како да се знаете од дедо Ное. Воут фор Нина Бадриќ! (Пошто и така не можете да гласате за Калиопи од телефони во Македонија, а ако сте во странство, нормално, воут фор Калиопи – па и воис фор Калиопи ако баш сакате, и тука демонстративно изјавувам дека ‘voice for Kaliopi’ е граматички исправна англиска конструкција и не сакам збор да слушнам по тоа прашање!) Ма гласајте за кого сакате, и за Жељко да си гласате, нормално, па и за Маја Сар или Ева. Сите се срцки. Германската забава беше веднаш по Хрватската, имаше гужва, пееше Роман, Нина Зили, Џоан Франка со пердувите (колку ли птици оскубала за таа перјаница)…

Инаку, голема штета е што Азербејџан гласаше во тоа првото полуфинале а не во нашето пошто локалниве се луди по Калиопи, и ќе соберевме може и 12ка од нив. Ама тука нема што да се направи. Вчера на втората генералка Калиопи доби супер аплауз, на ниво на Жељко, што е, значи, одлично. Е арно ама…

Тука во прес центарот, ако не сте знаеле, секогаш кружат разни калкулации за тоа кој како ќе гласа и која земја поминува а која не во финале, од причини политички до стратегиски до национални до… И сите се као стручњаци, нали, мада се тоа е ветер и магла и на крај некој и ќе излезе дека е во право, ама кој од нив е во право во моментов? На пример, сите се слагаат дека Калиопи заслужува надалеку да влезе во финале. Арно ама, годинава пак е сменет начинот на телевоутинг, и се гласа повторно на стар принцип, 15 минути од кога ќе заврши последната песна (до лани неколку пати се гласаше цело време од кога ќе почне преносот па до 15 минути по последната песна). Е сега, Калиопи од таа гледна точка може да има хендикеп, пошто настапува втора, па до крај на последната песна може да ја преклопи друга песна (како на пример, Еуфорија) и тука може да изгуби гласови. Од жири начелно би требало да добие поенчиња пошто се работи за вокал а не за зафрканција, значи телевоутингот е клучен. Не сакам да предвидувам, тоа ми е многу болна точка, мене начелно ме интересираат искрени мислења од луѓево наоколу (од нашите очекувам само достојно претставување, без оглед на пласман, да си бидеме со чист образ), и обично прислушкувам да слушнам што се зборува правејќи се странец за да не ми мачкаат очи (демек, да не ме навредат, па ќе ми кажат еј најбоља песна имате). Мада доста веќе и ме знаат од каде сум пошто ми кисне знамето на маса, ама нема врска. Значи, од балканските земји, Калиопи котира од прилика втора, на некого му е веднаш после Србија, а на некого – после Словенија. Потоа се спомнува некоја констатација дека македонската европска дијаспора многу ретко гласа (па и гледа) Евровизија, и од тука би дошле малку поени. Луѓето што не се занимаваат со калкулации туку размислуваат исклучиво на принцип на квалитет, велат дека сигурно одиме во финале. Па сега, на кој како му се фаќа. Шведска убедливо води, иако не баш сите мислат дека ќе победи во финалето. (Во стил, не е песна што ги трогнува сите демографии.)

И ај‘ сега оди најди му го крајот… Како и да е, ќе биде возбудлива вечер.

Денес не растурија од претресување во комплексот пред  да влеземе. Два пати ни ги проверуваа торбите, имаше дупло полиција плус војска и специјалци, а сите шатлови и автобуси (официјални) ги скенираа со метални детектори и со кучиња. Можеме да заклучиме само дека имало закани, пошто ги имаше уште пред почетокот на Евровизија од страна на таа традиционалната исламистичка организација за заштита на Азербејџанските вредности (тие што ги бутнаа сајтовите на esctoday.com, eurovision.tv и уште неколку). Првото полуфинале го протеравме некако без бомби и калашњикови. Да се надеваме ќе издржат уште 3-4 дена да не заштитат од таа убаина.

Од останати активности, Милка вчера не напушти на неколку саати за да оди да види некоја промоција на миленикот и, Дима Билан, во дует со минатогодишната победничка на Евровизија, Ники. Мене од Дима коса ми се крева на глава (искрено им  се извинувам на сите љубители на тоа арогантно створење), па јас си седев тука цел ден, освен што отидов на чаша виски со Адо до еден бар во близина, за разлабавување пред генералката на полноќ. (Ама стварно само една чашка испив, да не ме мислите некоја пијандура како некои тука до мене што нема да ги именуваме… А името им почнува на М… Ќе ме убие…) А морам да ви кажам дека оваа тросаатна разлика со Европа ме утепува комплетно. Преносите за вас почнуваат во 21:00, ама за нас тука во 24:00. Додека заврши преносот веќе е 2:00, па прес конференција до 3:00 или 3:30, па шатлови, автобуси, превоз, афтер-парти значи во 4:00, дома во 6:00 (веќе се разденило), и? Како зомби сум, искрено. (Ене де, има слики на ФБ, не ви мачкам очи. Милка мачка очи пошто има шминка, па си има спас од зомби-изам.)

Ајде се читаме пак – што поскоро стигнеме, пишуваме.

Гуд лак вечерва, да ни се посреќи! Ве сакаат Милка и Игор.