26/05/2012 | Posted in: News

26 мај 2012

Добро јутро џезери!

Ве запоставивме два дена, не дека ве мразиме туку дека окапавме на профилот ни на Фејсбук, каде даваме лајв фидбек од прес центарот по цел ден. Не сте ни пријатели на Фејсбук? А зошто не сте ни, да ве прашам? Веднаш бараме исправка на таа грешка – тука сме , бујрум – http://www.facebook.com/ogaemacedonia .

Денес сабајле за прв пат излегов да го видам стариот град, 8 дена тука а јас градот не сум го видел. Два саати низ чаршија, па на кафенце со Адо и Милка (три кафиња, три сока, 15 евра), па во прес малку да се чуеме со сите вас на ФБ. И потоа трчаме дома да се спакуваме (утре си одиме), а вечер во сала. Ако имаме среќа да стигнеме вечер во комплексов како што планираме (сообраќајот е лудница), ќе пратиме абер на ФБ што се случува во сала со последна слика од таблата во прес деск – и толку ќе го биде за ова издание на Јуровижн.

Некои журки последниве денови немаше пошто сега сите делегации се зафатени со проби, се напнати и нема време за забави. Плус сите се правиме паметни, па као страшно сме зафатени со правење некои проценки, па овој ќе победи, па оној нема да победи, како да не знаеме дека сите тие проценки се ветер и магла. Ама затоа сме тука, нели. Значи, фаворити: Русија (за која јас мислам дека не може да добие многу поени од жири бидејќи колку и да се симпатични бабичките, песната не е ни за детска Евровизија, т.н. Џуниор Јуровижн), Шведска (околу која се дигна цела помпа поради киксот со закашлувањето откога голтна морска пена што го претставува снегот кој и паѓа врз рујните и коси, за која јас исто мислам дека жирито не може да и даде многу поени бидејќи клупски песни не минуваат најдобро кај стручни жирија – е сега, прашање е колку жиријата ќе бидат стручни, колку не), Исланд (која мене лично ми е убава, ама не ми е специјална – иако просечни песни кои добиваат по 6-8 поени од сите земји може да победи, погледнете ја минатогодишната Евровизиска победничка композиција  заради која сме во Баку),Италија (која мене лично ми изгледа многу слаба на сцена, и на англиски звучи лошо во споредба со италијанската, оригинална верзија) и Шпанија (за која јас лично мислам дека е најдобра од сиве горенаведени и по глас и по стас и по вокал и по изведба). Да не ја заборавиме и Србија, Жељко начелно се води како фаворит, иако тоа се спомнува некако тивко. Ако ме прашате мене (а немате причина да ме прашате, ама јас ќе ви кажам и така и така), лично мислам дека оваа песна на Жељко – која мене ми се допаѓа – е за едно ниво послаба од Лане Моје од 2004, а сите очекуваат од Жељко да направи нешто подобро од тоа, па може да се случи да публиката е разочарана во тој поглед. Јас сепак мислам дека гласачите во Македонија ќе му дадат доверба и ќе ја сакаат песната и дека сигурно ќе добие ако не 12, барем 10 поени – нормално, зависно од тоа како нашето жири гласало – ама телевоутингот би требало да го собере на тони.

Македонија, генерално, сите ја сакаат. (Тука мислам на Калиопи, иако и земјата ни ја сакаат.) За прв пат од кога сме влегле во финале, ниту еден глас не се слушнал дека сме влегле во 10те незаслужено или поради блоковско гласање, што е факт за почит. Значи, ЕПТЕН заслужено сме влегле во финале. Калиопи е мирна, сталожена, мува не ја лази – толку е професионална. Си оди на спиење на време, не се фрустрира со глупости, не ја интересираат прогнози, таа си пее за своја и наша душа. Затоа и ја сакаат, веднаш да ви кажам. На фацата и се гледа колку и е задоволство тоа што го работи. Забелешка до сите следни претставници – пред да одите на Евровизија, прашајте ја Калиопи како се справувала со се тука. Ем сум сигурен дека таа ќе ви помогне од срце, ем вистински добар совет ќе добиете. Јас сум 100% сигурен дека и финалето вечер ќе помине во најдобар можен ред. Калиопи е паметна, не нарачала морска пена да и лета во уста, па киксеви од екстерен тип не очекуваме. Само гласот да ја држи, тоа е се.

Искрено, воопшто веќе не се заморувам со пласман. Макар била и последна, Калиопи ќе остане запаметена како достоен Евровизиски претставник за својата земја. Што е успех само по себе.

Благодарност на македонската делегација, а особено на Лорета за дружбите, контактите и промо материјалите што ги добивме. Маичките со Калиопи (Црно и бело, Калиопи за Македонија) и вечерва ќе си ги носиме со мерак.

Инаку, пред да се одјавам, морам да ви признам дека срце не боли за Ева Бото (Словенија) што не влезе во финале. Јас искрено мислам дека отпаднала по клуч (од 5 балкански земји повеќе од 3 не можат да влезат во финале, бидејќи ако тоа се случи, ќе има цунами на северен пол), а не заради квалитет. Изненадување за мене беа Малта (која е можеби симпатична, и Курт е харизматичен, ама песната е, да ми простите, некако глупава) и Норвешка – Тоџи или како го викаат, е бледа копија на Ерик Сааде од лани, нема глас (шестиот на сцена му е пратечки машки вокал кој пее исто како него за да звучи појако), и освен дискутабилно добриот изглед и настап (пак копија на Ерик) – не знам што бара во друштво со останатите. Неофицијално дознавме дека Ева многу плачела отпосле кога не влегоа во финале. Душичка. Сигурно била под голем притисок, тоа за 16-годишно девојче е многу. А не можам ни да ви опишам какво ангелче е, така на муабет. (Добро, ајде, пристрасен сум – ама и пред да ја запознаам, Словенија ми беше сигурна за помин во финале.)

Доста за тоа. Сега само позитивни мисли, за Калиопка наша, па нека пукнат душманите.

Ако има време, се слушаме пак. Ако нема, ќе пишеме од кога ќе се вратиме во Македонија.  Профилот на ФБ секако ќе биде (по)активен), па придтужете ни се (рековме, на http://www.facebook.com/ogaemacedonia ). До тогаш – бидете така!

Лајв анд лав, вашите привремени Бакуанци, Милка и Игор.