28/05/2012 | Posted in: News

“Уелкам то Азерџебан!“ (Ова не е печатна грешка и мора да ви го кажам со специфичен акцент, така не поздравуваа луѓе на улица, или таксисти и други шофери низ отворените прозорци на автомобилите кога поминуваа покрај нас додека пешачевме.)

Навистина сме уморни. Евровизија е и така секогаш едно напорно искуство каде се случуваат 10 работи истовремено па не знаеш глава каде да свртиш, (на среќа се дружиш со прекрасни луѓе па ти е полесно), ама кога сето тоа се прави со саатна разлика од 3 часа, станува дотолку позаморно. Настапите завршуваат околу 3:00-3:30 сабајле,  па следи прес конференција, па некоја забава во чест на изведувачите, и дома се прибираш во 6-7-8 и најдоцна на пладне си пак ангажиран или за некој настан, или да сработиш нешто во прес центарот за да ги испочитуваш роковите. Треба тоа јуначки да се издржи. Кога се ќе заврши – дома на полнење батерии. И остануваат во сеќавање само убавите работи, сиот умор и евентуални негативни настани ги забораваш.

Вчера се погодивме во авионите накај Скопје со нашата делегација, вклучувајќи ја и Калиопи и нејзиниот цел тим. И таа сигурно неспиена, ама изгледаше одморено и стокмено како само што излегла од некој салон, насмеана, се фотографираше со луѓе кои ја препознаваа на аеродром… Да напомнеме и дека немаше никаков посебен третман. Не леташе во бизнис класа, седеше позади со сите останати смртници, немаше ВИП третмани, багажот си го чекаше со сите нас, излезе низ истите врати како и сите ние. Не дека не би добила ВИП третман да тоа го побарала. Можеби и бил и понуден. Таа сигурно ниту тоа го барала, а и ако и го понудиле – го одбила.

Дента после Евровизија се вртат најразноразни приказни за пласмани, како се калкулирало со поени, дали можело подобро, дали можело полошо… На среќа, тоа ќе трае ден-два и ќе се заборави се до идната година кога пак ќе почне дискусијата. Читам и слушам по медиумите се и сешто денес од кога се разбудив, па мислев, ајде и ние да ја завршиме приказната за Евровизија 2012 со еден кус осврт.

Евровизија 2012, како и секоја Евровизија, нема да ни го смени животот. И читам нешто као, како тоа не сме биле во топ 7, топ 10, не знам кој топ-тенк, па кој на кого му го начукал… Да не се залажуваме: Евровизија е политичка институција, и како и секаде во политика, околу неа се вртат огромни суми на пари. Ние можеме да си мислиме дека треба да имаш јака песна и вокал за да победиш, што секако е нужно, ама не е доволно. Лореан не само што имаше јака песна, туку целата машинерија околу нејзиното претставување и презентација на Евровизија чинела сигурно колку буџетот на една помала земја. Голема промоција, огромен маркетинг, во многу земји. Тоа чини пари. Кои ние ги немаме. За толку пари, добивме и бајаги музика. 12то или 13то место, не е битно. Во конкуренција од 42, зошто не би биле задоволни? Дека не сме победиле? Не е дека не сакаме повеќе од тоа, никој не се натпреварува за да изгуби. Ама па нема да жалиме ни дека не сме први. Дали навистина прави разлика дали сме 2ри или 13ти? На Евровизија единствено е битно кој е прв. Дали си втор или 20ти или во не знам кој топ, тоа веќе не е толку битно, идната година не одиш директно во финале. А не дај боже па да победиме, каде ќе ги сместиме сите тие делегации, а и туристи и посетители? Јас во стан имам место можеби за една особа. Вие?

Ајде да кажеме нешто и зас нас. ОГАЕ Македонија е клуб на љубители на Евровизија од било кој аспект, па тоа да е и политички. (Коинцидентно, во Баку запознавме еден професор кој предава Евровизија – од политичка гледна точка – на Њујоршкиот Универзитет во Фиренца. Интересна работа.) Меѓутоа, ние не сме политичка институција, иако политиката е секогаш околу нас. Не навлегуваме во политички дебати се додека тоа ептен лично не не засегне. Ние сме официјално регистрирани под ова име, примени сме во меѓународната ОГАЕ организација под тоа име, и на културен начин се залагаме да не ни се додава она непријатно БЈР ако баш не мора. Некогаш успеваме, некогаш не, но бидејќи организацијата начелно ги почитува правилата на ЕБУ, БЈР е во многу случаи неизбежно. За прв пат годинава, сепак  – освен на телевизиските преноси – БЈР не се спомна никаде. Ниту еден новинар, ниту еден фан, ниту една особа од било која земја со која сме биле во директен контакт, не ни кажа во лице ‘формер југослав‘ бла-бла. И на состанокот на претседателите на ОГАЕ членките, се кажуваше Македонија. Што и како се пишувало по весници и останати медиуми е вон наша контрола. Но, дека почнале да ги респектираат нашите чувства и да не не навредуваат, лично мислам дека е многу битна работа. Политиката им се остава на политичарите да ја буткаат. Во истиов контекст, морам да кажам и дека имаме одличен однос со ОГАЕ Грција. Сме се договориле одамна дека нема да се кошкаме на политичка основа и дека ќе се почитуваме за она што ни е, а не да се расправаме за она што не ни е работа. Седевме едни до други во сала за настапите. Ние навивавме за нив, тие навиваа за нас. Спор немаше никаде – и така сакаме и да остане.

ОГАЕ Македонија застанува безрезервно зад секој Евровизиски претставник на Република Македонија, без оглед на кој начин е избран и без оглед на контроверзиите околу нив. Тоа го прават ОГАЕ клубовите на секоја земја. Не е примерно, не ни доликува, и ни е под чест да плукаме по нашите претставници. Лично може и не секогаш да се сложуваме со изборот или со избраната песна, но кога тоа е веќе завршена работа, ние работиме на промоција и презентација на избраниот пејач и песна каде што можеме. Мора така. Ако ние не си го почитуваме нашето, никој друг нема да го почитува. Во лични контакти со други ОГАЕ клубови од други земји можам да ви кажам дека се работи на ист начин. И тие не секогаш се среќни со нивниот избор, и тоа отворено и ќе ни го кажат во комуникација, ама кога трката веќе почнала, и тие си навиваат за себе и застануваат зад својот претставник. Тоа е непишано правило. Секој клуб го има зад себе знамето на својата земја, и исто како и на спортски натпревар, навиваш за својот без оглед дали противникот е појак или послаб. Годинава – не ве лажам – лош збор не слушнавме за нашата песна и претставник, само суперлативи. Поранешните години ќе слушневме, почесто или поретко  – не ни се бендисува песната, тешко до финале, многу ви е тешка композицијата. Годинава ништо од тоа. Калиопи новинарите навистина ја сакаа. Прес конференциите навистина и беа посетени. Сите кажаа дека одлично не претставила, значи тоа не доаѓа само од нас иако е тоа и наше мислње. Стотиците новинари во прес центарот навистина најголем аплауз им даваа на Македонија и Албанија на пробите. И ако сите други не бендисале, зошто сега ние да бидеме незадоволни со каков и да е пласман? Сме го направиле најдоброто што можеме со тоа што го имаме. Повеќе од тоа не бараме. Нашата делегација, очигледно, добро си ја завршила работата со буџетот и луѓето што ги имаат. Можеби вклучувањето на странци во нивните редови е добра работа – тоа се сепак искусни луѓе со контакти во други земји, па промоцијата одела полесно и подобро. Дали има луѓе и кај нас кои тоа можат да го направат исто или подобро – не знам. Можеби. Можеби и не. Не е ни важно. Секогаш работиш со најдоброто што го имаш во моментот кога тоа е потребно, и претпоставуваме дека во ситуацијава така и било.

Не знам што повеќе да ви кажам во ова последно полублогерско јавување… Може најдобро и да привршам. Во наредниве денови, ќе ставиме сигурно уште слики на нашиот Фејсбук профил на http://www.facebook.com/ogaemacedonia , а таму сме секогаш и во поинтерактивен контакт со сите наши пријатели. И дојдете некогаш со нас на кафе муабет, баш сме муабетчии, не само за Евровизија. Пишете да се договориме.

Лајв енд лав – оувр eнд аут, ве сакаат Игор, Милка, Стефан, Дарко, Влатко, Никола, Иван, Пане и сите од ОГАЕ Македонија

П.С. Швеѓаните уште не кажуваат каде ќе ја организираат Евровизијата идната година, ама неофицијално дознаваме дека би требало да е Стокхолм. Наводно, во Стокхолм е изградена некоја нова арена со накај 40,000 седишта, и ова би им било одлична промоција за арената. Значи. Стокхолм 2013? Ќе видиме…