Live from Malmo #1
Уфффф Шведска. Значи, кога победија лани, се испофалија на сите усти како ќе организирале најдобра Евровизија до сега. И не шлакнаа во Малме, кој ај‘ да кажеш, не е толку мал (300.000 жители, плус-минус), ама ниту нешто го украсија градов да заличи така Евровизиски, туку уште и целиот е градилиште. Да не кажам, проект Малме 2014 или 2015 како да е во тек. Ајде и тоа да им го простиме – ама дека прес центарот нема компјутери туку мораш да си м‘кнаш сам, или да ги ‘ренташ‘ од шалтер како во библиотека и да го вратиш до крај на работно време, па утре јово наново, дека прес центарот секој ден отвара во различно време, некогаш дури во 3 попладне – а згора на тоа и интернетот паѓа секоја втора минута па не дај боже да правиш аплоуд на слики или видеа, е тоа не им го простувам. Најлошо организирана Евровизија до сега, од наша гледна точка. Дека не ни даваат бесплатно јадење и сокови како што сме се размазиле до сега, па ни тоа не им го простуваме. А и вода има само од чешма, пошто, нели, ја штитиме природата. (Кафе и топла вода за чај додуше, има.) Како што велат швеѓаните околу нас, ‘не е ова Азарбејџан‘. Додека тие го мислат тоа во позитивно светло, од типот на ‘нема тука лабаво‘, ние си мислиме, е навистина не е – баш и не би ни дошло лошо да е нешто полабаво, и да не почасти некој со гага скаричка. И си одиме во најблискиот МекДоналдс, со купони за попуст.

Малку подоцна ни е ова иницијално јавување, ем поради шокот од лошата организација, ем дека интернетот ни беше тапа. Па оставивме два три дена да ни спласне лутината, да не бидеме ептен отровни. Што имавме до сега? Отворањето со црвениот тепих, за кои ги имате сите слики на нашиот Фејсбук профил (https://www.facebook.com/ogaemacedonia). Имаше и некои забави во Евро Клубот, така-така беа, ништо посебно. Имаше и српска забава – е тоа беше одлично. Се изнасмеавме и со трите србинки, и со црногорците ни рапери плус Нина, и со хрватската клапа од море, американската словенка Хана, плус и Марија Шерифовиќ беше таму, расположена. Журка за душа. А вчера беше и македонско/бугарската забава, на која имаше ршум гужва, и на која Есма, Лозано енд компани направија одличен мини концерт. Со овации. И емоции.

Есма и Лозано си ја одработуваат Евровизијата многу професионално. Интервјуа, појавувања на настани, насмеани, културни, без утка. Уво не боли за мислењата за тоа како ќе сме се пласирале, ама и за двајцата слушаме само зборови на почит. Генерално ние (македонците) сме многу покритички настроени кон нашата песна претставничка отколку странците. Тие, искрено речено,, повеќе и се наклонети на песната која ние брутално ја исфрливме од трка (‘Империја‘) отколку на ‘Пред да се раздени‘. За голем пех ни се води тоа што сме единствени од бившите југословенски републики кои настапуваат во второто полуфинале (демек, нема кој да не гласа). Гласовните можности на Лозано се насекаде фалени, и од машките вокали годинава е поприлично супериорен, а бидејќи неговиот глас ја води песната, не стравуваме дека ќе има критики од тој аспект. Критиките се главно насочени кон спојот на деловите кои ги пее Лозано и оние кои ги пее Есма, како да нема континуитет – додека делот на Лозано е од тип балада каде што доминира неговиот вокал, делот на Есма е во денс ритам и ги крева сите на нозе. И двата дела се добри, ама не се поврзани. ‘Империја‘, велат, им била покомплетна.
Сега веќе првото полуфинале е позади нас, и знаеме дека сите балканци испаднаа. Останавме само ние во второто полуфинале, со сите пријатели и непријатели кои можеби ќе, а можеби и нема да гласаат за нас. Две струи кружат: или ‘севишниот‘, кој и да е, ќе мора да не пушти понатаму за да се запази рамнотежа во универзумот и барем еден бивши-ЈУ да има во финале, или сите ќе не шутне. Е сега, ако сите балканци иселеници се обединат и гласаат за Македонија во второто полуфинале, може и тоа да ни е на арно. За жиријата нема да коментираме, бидејќи не им веруваме, и мислиме дека воопшто не се стручни во поглед на конкретново гласање без оглед на стручноста во професијата. А и од нив зависиме. Па оди сега калкулирај, да те видам. Во мал прилог ни оди и што Унгарија, Романија, Бугарија имаат и голема ромска популација, и што тој мелос им е близок. И што Лозано има одличен вокал. Ама тие размислувања се многу често сосема небитни, некои други калкулации стапуваат во игра.

Дека Данска е фаворит, веќе и птиците на Анук знаат, па ќе го баталиме тој муабет, не е интересен.
Толку за прво јавување. Се читаме повторно. Многу ни фали Азербејџан. А и во севдах сме за сите ‘наши‘ што отпаднаа вчера. Плус ни е ладно. (Не сме гладни, тоа е позитивно.)
Ве сакаат од Малме, ваши Милка, Тања, Лиле и Игор.
Павилионот Moriska ќе биде Euro Fan Cafe со се што посакуваат фановите на Евросонг
Како дел од понудата на градот Малме како домаќин, убавиот и распространетиот Moriska павиљон ќе има уникатна Евровизиска програма во текот на денот и ноќта и ќе претставува место за дружба за време на Eurosong 2013.
Moriska павиљонот во Малме ќе биде домаќин на “Euro Fan Cafe” од 6-18 мај 2013 година. Организацијата на настаните во овој клуб е овозможена од градот Малме.
Годиншното café ќе содржи подиум за танцување со 100% евровизиска музика, исполнета со изведувачите од овогодинешниот Евросонг, како и изведувачи од претходните години. Во содржината ќе бидат присутни големи квизови, разговори со учесниците, филмови, специјални настапи, како и караоке вечер насловена “Nil Points”.
Продуцентот на Евросонг 2013 изјави: “Фановите се витален и важен дел од Евросонгот. Јас сум навистина среќен за оваа иницијатива од градот Малме и павилионот Moriska, кој ќе биде одлично место за средба на фановите”. “Искрено се надевам дека ќе имам време да се запознаам со фановите кои во мај ќе бидат во Euro Fan Café.”
Павилионот Moriska содржи:
Бистро и бар со сцена за настапи и пристапно мени од скандинавската кујна (капацитет: 150 лица)
The Mirror Room, перфектен простор за клубови и концерти од средна големина (капацитет: 400 лица)
The Grand Room, наменета за поголеми клубови, концерти и приватни настани (капацитет: 1000 лица)
The Outdoor Space, одличен простор за релаксација и разговори во свежите ноќи во Малме.
Павилионот Moriska соработуваше со OGAE International, Melodifestivalklubben Sweden и познатиот сајт 12points.tv за да се направи програма за тврокорните фанови, но и за обичната публика.
Програмата ја составија Ozan Sunar (уметнички директор на Moriska павилионот), Albin Balthasar (креативен продуцент кој работи во Малме) и Rick Jacobs (жител на Малме и еден од уредниците на сајтот 12points.tv).

Albin Balthasar изјави: “Нашата цел е овој објект да е креиран од фановите за фановите, со цел вашиот престој во Малме да биде исполнет со специјални Евросонг настани кои ги сакате и ги заслужувате.”
Rick Jacobs изјави: “Покрај настапите во живо од сегашните претставници и претставници од минатото, ние ќе имаме 100% евровизиска музика во целиот објект уште две седмици пред Евросонгот.”
Во текот на април ќе бидат објавени работните часови, како и програмата.
За павилионот Moriska:
Павилионот Moriska е изграден пред 110 години, на централно место во средината на еден од многуте паркови во Малме. Во 2011-та е реотворен од страна на Ozan Sunar, познат по рекреирањето на Södra Teatern (Јужен театар) во Стокхолм. Денес, овој павилион има репутација како домаќин на најдобрите клубови, концерти и најкреативните луѓе од јужниот дел на Шведска. Со неговите големи простории и восхитувачкиот интериер, објектот е најпопуларна локација за клубови и настани од културата во Малме.
Поранешни евровизиски учесници на Сунчане Скале 2012 во Херцег Нови
Музичкиот фестивал Сунчане Скале од година во година станува се попопуларен и познат по тоа што на него учествуваат и меѓународно признати пејачи. Оваа година на него ќе имаме можност да видиме и некои бивчи евровизиски претставници, како од самата Евровизија, така и од националните избори. Фестивалот има две програми: ‘Нови ѕвезди‘, кој годинава ќе се одржи на 2ри јули, и ‘Песна на летото‘, кој ќе се одржи ден потоа. Меѓународните изведувачи ќе се натпреваруваат за Песна на летото 2012.
Вклучувањето на евровизиски претставници во програмата е идеја на продуцентот Милица Фајгељ, која има искуство од повеќе меѓународни музички фестивали. Минатата година таа му беше менаџер на победникот на Сунчане Скале, американецот Кјупид (Qpid) кој живее и работи во Шведска, кој победи со песната ‘Под радарот‘ (Under the Radar) на Red One продукција. Според Милица, како што фестивалот добива се поголемо меќународно внимание, така се отвораат и поголеми можности да црногорската сцена ја посетат и поспецифични и уникатни интерпретатори.
Најпознатиот евровизиски пејач годинава е Марцин Мрозински, кој повторно ќе ја претставува Полска како што ја претставуваше и на Евровизија 2010. Неговата балада ‘Дали е тоа вистинска љубов‘ (Is That a Real Love) ќе биде изведена на англиски, а на неговиот следен студоски албум композицијата ќе биде достапна и на полски.
[youtube_sc url=”
На фестивалот ќе можете да слушнете и малку турски диско ритам во изведба на Дениз Џем, кој доаѓа од Истанбул со својата композиција ‘Ми треба само твојата љубов‘ (I Just Need Your Love). Дениз учествувал на над десетина музички фестивали ширум светот, и поради својата огромна музичка енергија и певливите композиции турските медиуми го нарекуваат ‘нов Таркан‘.
[youtube_sc url=”
Фестивалот Сунчане Скале за прв пат ќе има и претставник од Норвешка – Рике Норман, позната по учеството на Мелоди Гран При фестивалите во 2011 и 2012. Рике Норман е диско-нео-соул-фанк дива која живее во Осло, и нејзината харизматична појава сигурно ќе остави позитивни впечатоци врз фестивалската публика. Рике ќе настапи со композицијата ‘Замирање‘ (Fading Away).
[youtube_sc url=”
Меѓународна соработка на Сунчане Скале 2012
Како и изминатите години и оваа година на Сунчане Скале ќе настапуваат изведувачи од целиот свет. Американката Glenys Vargas и Британецот Kevin Ettienne и оваа година ќе ги претставуваат своите држави со песната “Love me/Let me go”, која Glenys и Kevin ја работеа со италијанскиот композитор и продуцент Filippa Saccuccia. Минатата година успешно се претставија со својата песна “Power:Positive”, дело на Азербејџанецот Isa Melikov, продуцент и менаџер на победничката песна на Евровизија 2011, Nikki Jamal.
Источните звуци ќе ни ги претстават Seyran од Азербејџан со песната “Sunshine” и Таџикистанката Tahmina Niyazova, победничка на рускиот фестивал “5 звезд”, со нејзината композиција “My heart makes boom boom boom”. Музиката и текстот за двете песни се на Seyran, додека за аранжманот за песната “Sunshine” е заслужен турскиот продуцент Ulugbek Hekimoglu, а за песната “My heart makes boom boom boom” Германецот Boris Kosak. Од Турција доаѓа пејачката и танчерка J-DA, која ќе настапи со песната “Gel Gel”, дело на Levent Canseven.
Најголема ѕвезда во овој круг е Австријката Jade Davis, која во 90те години имала многу хитови ширум светот со својата група “Unique II”. Нивниот албум бил издаден во 27 држави низ целиот свет. 2005 година настапила на австрискиот избор за Евровизија со две композиции “Perfect world” и “Just like that”. По подолга пауза Jade се враќа на австриската музичка сцена со песните “Тaking over (I found beauty)” и “Hooked”. Истите биле пуштани и на данските радио станици. На овогодинешниот фестивал “Сунчане Скале” Jade ќе се претсатви со нејзиниот нов сингл “Love Crazy Girl”, дело на австријците Richard Kratky и Moritz Winkler.
Пејачите на сцена ќе ги придружуваат македонските танчери Јана Андреевиќ, Мартина Србиновска, Дардан Селмани, Љупчо Атанасов и Иван Ангелковски, кои го покажаа своето знаење уште минатата година во Херцег Нови. Покрај многубројните настапи на македските фестивали и видео записи, ова младо друштво веќе има настапувано и на големата евровизиска сцена во Осло и Дизелдорф.
Live from Baku #4
“Уелкам то Азерџебан!“ (Ова не е печатна грешка и мора да ви го кажам со специфичен акцент, така не поздравуваа луѓе на улица, или таксисти и други шофери низ отворените прозорци на автомобилите кога поминуваа покрај нас додека пешачевме.)
Навистина сме уморни. Евровизија е и така секогаш едно напорно искуство каде се случуваат 10 работи истовремено па не знаеш глава каде да свртиш, (на среќа се дружиш со прекрасни луѓе па ти е полесно), ама кога сето тоа се прави со саатна разлика од 3 часа, станува дотолку позаморно. Настапите завршуваат околу 3:00-3:30 сабајле, па следи прес конференција, па некоја забава во чест на изведувачите, и дома се прибираш во 6-7-8 и најдоцна на пладне си пак ангажиран или за некој настан, или да сработиш нешто во прес центарот за да ги испочитуваш роковите. Треба тоа јуначки да се издржи. Кога се ќе заврши – дома на полнење батерии. И остануваат во сеќавање само убавите работи, сиот умор и евентуални негативни настани ги забораваш.
Вчера се погодивме во авионите накај Скопје со нашата делегација, вклучувајќи ја и Калиопи и нејзиниот цел тим. И таа сигурно неспиена, ама изгледаше одморено и стокмено како само што излегла од некој салон, насмеана, се фотографираше со луѓе кои ја препознаваа на аеродром… Да напомнеме и дека немаше никаков посебен третман. Не леташе во бизнис класа, седеше позади со сите останати смртници, немаше ВИП третмани, багажот си го чекаше со сите нас, излезе низ истите врати како и сите ние. Не дека не би добила ВИП третман да тоа го побарала. Можеби и бил и понуден. Таа сигурно ниту тоа го барала, а и ако и го понудиле – го одбила.
Дента после Евровизија се вртат најразноразни приказни за пласмани, како се калкулирало со поени, дали можело подобро, дали можело полошо… На среќа, тоа ќе трае ден-два и ќе се заборави се до идната година кога пак ќе почне дискусијата. Читам и слушам по медиумите се и сешто денес од кога се разбудив, па мислев, ајде и ние да ја завршиме приказната за Евровизија 2012 со еден кус осврт.
Евровизија 2012, како и секоја Евровизија, нема да ни го смени животот. И читам нешто као, како тоа не сме биле во топ 7, топ 10, не знам кој топ-тенк, па кој на кого му го начукал… Да не се залажуваме: Евровизија е политичка институција, и како и секаде во политика, околу неа се вртат огромни суми на пари. Ние можеме да си мислиме дека треба да имаш јака песна и вокал за да победиш, што секако е нужно, ама не е доволно. Лореан не само што имаше јака песна, туку целата машинерија околу нејзиното претставување и презентација на Евровизија чинела сигурно колку буџетот на една помала земја. Голема промоција, огромен маркетинг, во многу земји. Тоа чини пари. Кои ние ги немаме. За толку пари, добивме и бајаги музика. 12то или 13то место, не е битно. Во конкуренција од 42, зошто не би биле задоволни? Дека не сме победиле? Не е дека не сакаме повеќе од тоа, никој не се натпреварува за да изгуби. Ама па нема да жалиме ни дека не сме први. Дали навистина прави разлика дали сме 2ри или 13ти? На Евровизија единствено е битно кој е прв. Дали си втор или 20ти или во не знам кој топ, тоа веќе не е толку битно, идната година не одиш директно во финале. А не дај боже па да победиме, каде ќе ги сместиме сите тие делегации, а и туристи и посетители? Јас во стан имам место можеби за една особа. Вие?
Ајде да кажеме нешто и зас нас. ОГАЕ Македонија е клуб на љубители на Евровизија од било кој аспект, па тоа да е и политички. (Коинцидентно, во Баку запознавме еден професор кој предава Евровизија – од политичка гледна точка – на Њујоршкиот Универзитет во Фиренца. Интересна работа.) Меѓутоа, ние не сме политичка институција, иако политиката е секогаш околу нас. Не навлегуваме во политички дебати се додека тоа ептен лично не не засегне. Ние сме официјално регистрирани под ова име, примени сме во меѓународната ОГАЕ организација под тоа име, и на културен начин се залагаме да не ни се додава она непријатно БЈР ако баш не мора. Некогаш успеваме, некогаш не, но бидејќи организацијата начелно ги почитува правилата на ЕБУ, БЈР е во многу случаи неизбежно. За прв пат годинава, сепак – освен на телевизиските преноси – БЈР не се спомна никаде. Ниту еден новинар, ниту еден фан, ниту една особа од било која земја со која сме биле во директен контакт, не ни кажа во лице ‘формер југослав‘ бла-бла. И на состанокот на претседателите на ОГАЕ членките, се кажуваше Македонија. Што и како се пишувало по весници и останати медиуми е вон наша контрола. Но, дека почнале да ги респектираат нашите чувства и да не не навредуваат, лично мислам дека е многу битна работа. Политиката им се остава на политичарите да ја буткаат. Во истиов контекст, морам да кажам и дека имаме одличен однос со ОГАЕ Грција. Сме се договориле одамна дека нема да се кошкаме на политичка основа и дека ќе се почитуваме за она што ни е, а не да се расправаме за она што не ни е работа. Седевме едни до други во сала за настапите. Ние навивавме за нив, тие навиваа за нас. Спор немаше никаде – и така сакаме и да остане.
ОГАЕ Македонија застанува безрезервно зад секој Евровизиски претставник на Република Македонија, без оглед на кој начин е избран и без оглед на контроверзиите околу нив. Тоа го прават ОГАЕ клубовите на секоја земја. Не е примерно, не ни доликува, и ни е под чест да плукаме по нашите претставници. Лично може и не секогаш да се сложуваме со изборот или со избраната песна, но кога тоа е веќе завршена работа, ние работиме на промоција и презентација на избраниот пејач и песна каде што можеме. Мора така. Ако ние не си го почитуваме нашето, никој друг нема да го почитува. Во лични контакти со други ОГАЕ клубови од други земји можам да ви кажам дека се работи на ист начин. И тие не секогаш се среќни со нивниот избор, и тоа отворено и ќе ни го кажат во комуникација, ама кога трката веќе почнала, и тие си навиваат за себе и застануваат зад својот претставник. Тоа е непишано правило. Секој клуб го има зад себе знамето на својата земја, и исто како и на спортски натпревар, навиваш за својот без оглед дали противникот е појак или послаб. Годинава – не ве лажам – лош збор не слушнавме за нашата песна и претставник, само суперлативи. Поранешните години ќе слушневме, почесто или поретко - не ни се бендисува песната, тешко до финале, многу ви е тешка композицијата. Годинава ништо од тоа. Калиопи новинарите навистина ја сакаа. Прес конференциите навистина и беа посетени. Сите кажаа дека одлично не претставила, значи тоа не доаѓа само од нас иако е тоа и наше мислње. Стотиците новинари во прес центарот навистина најголем аплауз им даваа на Македонија и Албанија на пробите. И ако сите други не бендисале, зошто сега ние да бидеме незадоволни со каков и да е пласман? Сме го направиле најдоброто што можеме со тоа што го имаме. Повеќе од тоа не бараме. Нашата делегација, очигледно, добро си ја завршила работата со буџетот и луѓето што ги имаат. Можеби вклучувањето на странци во нивните редови е добра работа – тоа се сепак искусни луѓе со контакти во други земји, па промоцијата одела полесно и подобро. Дали има луѓе и кај нас кои тоа можат да го направат исто или подобро – не знам. Можеби. Можеби и не. Не е ни важно. Секогаш работиш со најдоброто што го имаш во моментот кога тоа е потребно, и претпоставуваме дека во ситуацијава така и било.
Не знам што повеќе да ви кажам во ова последно полублогерско јавување… Може најдобро и да привршам. Во наредниве денови, ќе ставиме сигурно уште слики на нашиот Фејсбук профил на http://www.facebook.com/ogaemacedonia , а таму сме секогаш и во поинтерактивен контакт со сите наши пријатели. И дојдете некогаш со нас на кафе муабет, баш сме муабетчии, не само за Евровизија. Пишете да се договориме.
Лајв енд лав – оувр eнд аут, ве сакаат Игор, Милка, Стефан, Дарко, Влатко, Никола, Иван, Пане и сите од ОГАЕ Македонија
П.С. Швеѓаните уште не кажуваат каде ќе ја организираат Евровизијата идната година, ама неофицијално дознаваме дека би требало да е Стокхолм. Наводно, во Стокхолм е изградена некоја нова арена со накај 40,000 седишта, и ова би им било одлична промоција за арената. Значи. Стокхолм 2013? Ќе видиме…
Live from Baku #3
26 мај 2012
Добро јутро џезери!
Ве запоставивме два дена, не дека ве мразиме туку дека окапавме на профилот ни на Фејсбук, каде даваме лајв фидбек од прес центарот по цел ден. Не сте ни пријатели на Фејсбук? А зошто не сте ни, да ве прашам? Веднаш бараме исправка на таа грешка – тука сме , бујрум – http://www.facebook.com/ogaemacedonia .
Денес сабајле за прв пат излегов да го видам стариот град, 8 дена тука а јас градот не сум го видел. Два саати низ чаршија, па на кафенце со Адо и Милка (три кафиња, три сока, 15 евра), па во прес малку да се чуеме со сите вас на ФБ. И потоа трчаме дома да се спакуваме (утре си одиме), а вечер во сала. Ако имаме среќа да стигнеме вечер во комплексов како што планираме (сообраќајот е лудница), ќе пратиме абер на ФБ што се случува во сала со последна слика од таблата во прес деск – и толку ќе го биде за ова издание на Јуровижн.
Некои журки последниве денови немаше пошто сега сите делегации се зафатени со проби, се напнати и нема време за забави. Плус сите се правиме паметни, па као страшно сме зафатени со правење некои проценки, па овој ќе победи, па оној нема да победи, како да не знаеме дека сите тие проценки се ветер и магла. Ама затоа сме тука, нели. Значи, фаворити: Русија (за која јас мислам дека не може да добие многу поени од жири бидејќи колку и да се симпатични бабичките, песната не е ни за детска Евровизија, т.н. Џуниор Јуровижн), Шведска (околу која се дигна цела помпа поради киксот со закашлувањето откога голтна морска пена што го претставува снегот кој и паѓа врз рујните и коси, за која јас исто мислам дека жирито не може да и даде многу поени бидејќи клупски песни не минуваат најдобро кај стручни жирија – е сега, прашање е колку жиријата ќе бидат стручни, колку не), Исланд (која мене лично ми е убава, ама не ми е специјална – иако просечни песни кои добиваат по 6-8 поени од сите земји може да победи, погледнете ја минатогодишната Евровизиска победничка композиција заради која сме во Баку),Италија (која мене лично ми изгледа многу слаба на сцена, и на англиски звучи лошо во споредба со италијанската, оригинална верзија) и Шпанија (за која јас лично мислам дека е најдобра од сиве горенаведени и по глас и по стас и по вокал и по изведба). Да не ја заборавиме и Србија, Жељко начелно се води како фаворит, иако тоа се спомнува некако тивко. Ако ме прашате мене (а немате причина да ме прашате, ама јас ќе ви кажам и така и така), лично мислам дека оваа песна на Жељко – која мене ми се допаѓа – е за едно ниво послаба од Лане Моје од 2004, а сите очекуваат од Жељко да направи нешто подобро од тоа, па може да се случи да публиката е разочарана во тој поглед. Јас сепак мислам дека гласачите во Македонија ќе му дадат доверба и ќе ја сакаат песната и дека сигурно ќе добие ако не 12, барем 10 поени – нормално, зависно од тоа како нашето жири гласало – ама телевоутингот би требало да го собере на тони.
Македонија, генерално, сите ја сакаат. (Тука мислам на Калиопи, иако и земјата ни ја сакаат.) За прв пат од кога сме влегле во финале, ниту еден глас не се слушнал дека сме влегле во 10те незаслужено или поради блоковско гласање, што е факт за почит. Значи, ЕПТЕН заслужено сме влегле во финале. Калиопи е мирна, сталожена, мува не ја лази – толку е професионална. Си оди на спиење на време, не се фрустрира со глупости, не ја интересираат прогнози, таа си пее за своја и наша душа. Затоа и ја сакаат, веднаш да ви кажам. На фацата и се гледа колку и е задоволство тоа што го работи. Забелешка до сите следни претставници – пред да одите на Евровизија, прашајте ја Калиопи како се справувала со се тука. Ем сум сигурен дека таа ќе ви помогне од срце, ем вистински добар совет ќе добиете. Јас сум 100% сигурен дека и финалето вечер ќе помине во најдобар можен ред. Калиопи е паметна, не нарачала морска пена да и лета во уста, па киксеви од екстерен тип не очекуваме. Само гласот да ја држи, тоа е се.
Искрено, воопшто веќе не се заморувам со пласман. Макар била и последна, Калиопи ќе остане запаметена како достоен Евровизиски претставник за својата земја. Што е успех само по себе.
Благодарност на македонската делегација, а особено на Лорета за дружбите, контактите и промо материјалите што ги добивме. Маичките со Калиопи (Црно и бело, Калиопи за Македонија) и вечерва ќе си ги носиме со мерак.
Инаку, пред да се одјавам, морам да ви признам дека срце не боли за Ева Бото (Словенија) што не влезе во финале. Јас искрено мислам дека отпаднала по клуч (од 5 балкански земји повеќе од 3 не можат да влезат во финале, бидејќи ако тоа се случи, ќе има цунами на северен пол), а не заради квалитет. Изненадување за мене беа Малта (која е можеби симпатична, и Курт е харизматичен, ама песната е, да ми простите, некако глупава) и Норвешка – Тоџи или како го викаат, е бледа копија на Ерик Сааде од лани, нема глас (шестиот на сцена му е пратечки машки вокал кој пее исто како него за да звучи појако), и освен дискутабилно добриот изглед и настап (пак копија на Ерик) – не знам што бара во друштво со останатите. Неофицијално дознавме дека Ева многу плачела отпосле кога не влегоа во финале. Душичка. Сигурно била под голем притисок, тоа за 16-годишно девојче е многу. А не можам ни да ви опишам какво ангелче е, така на муабет. (Добро, ајде, пристрасен сум – ама и пред да ја запознаам, Словенија ми беше сигурна за помин во финале.)
Доста за тоа. Сега само позитивни мисли, за Калиопка наша, па нека пукнат душманите.
Ако има време, се слушаме пак. Ако нема, ќе пишеме од кога ќе се вратиме во Македонија. Профилот на ФБ секако ќе биде (по)активен), па придтужете ни се (рековме, на http://www.facebook.com/ogaemacedonia ). До тогаш – бидете така!
Лајв анд лав, вашите привремени Бакуанци, Милка и Игор.
Live from Baku #2
24 мај 2012
Кај сте бе, патриоти?
Искрено се извинуваме што не немаше последниве два-три дена со малку повеќе текст, ама немавме време од трчаници на сите страни. Логистикава во Баку е комплицирана, а најлошо од се е што немаме интернет во станот па за се мораме да доаѓаме во прес центар да завршиме работа. Не е ова Македонија, земја на интернетот, па насекаде да си наоѓаш ви-фи без проблем.

Не дека нешто посебно сте пропуштиле – понеделникот и вторникот беа во знак на првото полуфинале кое за нас не е нешто многу битно. Уште веднаш правам исправка на критиката од претходниот текст дека делегацијата не остава без прес материјали – утредента ни стигна цело туце ЦД-а од Калиопи, па сме добро опремени, а и сме ги поделиле како што доликува, затоа и се прави тој промо материјал . Чекаме уште маички од Калиопи, мислевме со Милка да се униформираме вечер за во сала, ама дали ќе успееме да се видиме со тимот на Калиопи денес, не знаеме, пошто имаат напорен ден (проба па ‘она вистинското‘ на полноќ). Не е битно, и така само знамето ќе ни се гледа пошто боде очи со боите. Од журките нема што многу да се известува, по некоја слика која може да ја најдете (у ствари, сите слики се таму) на нашиот Фејсбук профил на http://www.facebook.com/ogaemacedonia). Бевме уште и на Хрватската и на Германската делегациска забава, од кои Хрватската повеќе не бендиса пошто беше во интимен, приватен, мал локал ама дојдоа многу луѓе, се стоеше и надвор пред кафана со муабети, муабети… И сите со чашите… Дојдоа и Калиопи, и Жељко, и Ева Бото, и Маја Сар, па и Гаитана и остали… Многу пријатна, необавезна атмосфера, со хрватско винце и мали закуски (за винцето ве молам обавезно да ја прашате Милка кога ќе ја видите, јас сум по тоа прашање ноу комент). Нина отпеа неколку песни во живо, со мал бенд, одлична беше. Жељко беше исто опуштен пошто не го следеа папараци на сите страни па можеше да здивне малце, лежерно. Инаку, ако не сте знаеле, Нина е прекрасна. Јас обично си мислам дека сите популарни особи се така, малце со носовите нагоре, ама во случајов – не. (Лореен, на пример, да – а од пред две минути е само на сцена, што се вели. Не можеш да и пријдеш кешким Мајкл Џексон се дигнал од мртви и сега нема таа време за обичен народ, мнооогу е славна. Со такво однесување, од мене автоматски добива нула поени, па песната и евергрин да и е, а не и е.) Со Нина можеш да се размуабетиш за се и сешто, и си памети кого си го запознала и се поздравува најнормално каде и да те види, како да се знаете од дедо Ное. Воут фор Нина Бадриќ! (Пошто и така не можете да гласате за Калиопи од телефони во Македонија, а ако сте во странство, нормално, воут фор Калиопи – па и воис фор Калиопи ако баш сакате, и тука демонстративно изјавувам дека ‘voice for Kaliopi’ е граматички исправна англиска конструкција и не сакам збор да слушнам по тоа прашање!) Ма гласајте за кого сакате, и за Жељко да си гласате, нормално, па и за Маја Сар или Ева. Сите се срцки. Германската забава беше веднаш по Хрватската, имаше гужва, пееше Роман, Нина Зили, Џоан Франка со пердувите (колку ли птици оскубала за таа перјаница)…
Инаку, голема штета е што Азербејџан гласаше во тоа првото полуфинале а не во нашето пошто локалниве се луди по Калиопи, и ќе соберевме може и 12ка од нив. Ама тука нема што да се направи. Вчера на втората генералка Калиопи доби супер аплауз, на ниво на Жељко, што е, значи, одлично. Е арно ама…

Тука во прес центарот, ако не сте знаеле, секогаш кружат разни калкулации за тоа кој како ќе гласа и која земја поминува а која не во финале, од причини политички до стратегиски до национални до… И сите се као стручњаци, нали, мада се тоа е ветер и магла и на крај некој и ќе излезе дека е во право, ама кој од нив е во право во моментов? На пример, сите се слагаат дека Калиопи заслужува надалеку да влезе во финале. Арно ама, годинава пак е сменет начинот на телевоутинг, и се гласа повторно на стар принцип, 15 минути од кога ќе заврши последната песна (до лани неколку пати се гласаше цело време од кога ќе почне преносот па до 15 минути по последната песна). Е сега, Калиопи од таа гледна точка може да има хендикеп, пошто настапува втора, па до крај на последната песна може да ја преклопи друга песна (како на пример, Еуфорија) и тука може да изгуби гласови. Од жири начелно би требало да добие поенчиња пошто се работи за вокал а не за зафрканција, значи телевоутингот е клучен. Не сакам да предвидувам, тоа ми е многу болна точка, мене начелно ме интересираат искрени мислења од луѓево наоколу (од нашите очекувам само достојно претставување, без оглед на пласман, да си бидеме со чист образ), и обично прислушкувам да слушнам што се зборува правејќи се странец за да не ми мачкаат очи (демек, да не ме навредат, па ќе ми кажат еј најбоља песна имате). Мада доста веќе и ме знаат од каде сум пошто ми кисне знамето на маса, ама нема врска. Значи, од балканските земји, Калиопи котира од прилика втора, на некого му е веднаш после Србија, а на некого – после Словенија. Потоа се спомнува некоја констатација дека македонската европска дијаспора многу ретко гласа (па и гледа) Евровизија, и од тука би дошле малку поени. Луѓето што не се занимаваат со калкулации туку размислуваат исклучиво на принцип на квалитет, велат дека сигурно одиме во финале. Па сега, на кој како му се фаќа. Шведска убедливо води, иако не баш сите мислат дека ќе победи во финалето. (Во стил, не е песна што ги трогнува сите демографии.)

И ај‘ сега оди најди му го крајот… Како и да е, ќе биде возбудлива вечер.
Денес не растурија од претресување во комплексот пред да влеземе. Два пати ни ги проверуваа торбите, имаше дупло полиција плус војска и специјалци, а сите шатлови и автобуси (официјални) ги скенираа со метални детектори и со кучиња. Можеме да заклучиме само дека имало закани, пошто ги имаше уште пред почетокот на Евровизија од страна на таа традиционалната исламистичка организација за заштита на Азербејџанските вредности (тие што ги бутнаа сајтовите на esctoday.com, eurovision.tv и уште неколку). Првото полуфинале го протеравме некако без бомби и калашњикови. Да се надеваме ќе издржат уште 3-4 дена да не заштитат од таа убаина.
Од останати активности, Милка вчера не напушти на неколку саати за да оди да види некоја промоција на миленикот и, Дима Билан, во дует со минатогодишната победничка на Евровизија, Ники. Мене од Дима коса ми се крева на глава (искрено им се извинувам на сите љубители на тоа арогантно створење), па јас си седев тука цел ден, освен што отидов на чаша виски со Адо до еден бар во близина, за разлабавување пред генералката на полноќ. (Ама стварно само една чашка испив, да не ме мислите некоја пијандура како некои тука до мене што нема да ги именуваме… А името им почнува на М… Ќе ме убие…) А морам да ви кажам дека оваа тросаатна разлика со Европа ме утепува комплетно. Преносите за вас почнуваат во 21:00, ама за нас тука во 24:00. Додека заврши преносот веќе е 2:00, па прес конференција до 3:00 или 3:30, па шатлови, автобуси, превоз, афтер-парти значи во 4:00, дома во 6:00 (веќе се разденило), и? Како зомби сум, искрено. (Ене де, има слики на ФБ, не ви мачкам очи. Милка мачка очи пошто има шминка, па си има спас од зомби-изам.)
Ајде се читаме пак – што поскоро стигнеме, пишуваме.
Гуд лак вечерва, да ни се посреќи! Ве сакаат Милка и Игор.
Live from Baku #1
21 мај 2012
Live from Baku, Милка и Игор!
Кај сте бе, дечки?
Патувањето наваму убаво не служеше (со Туркишшш, преку Истанбул), фала на прашање. Стигнавме на раат, на време, а уз пат и не наранија по тоа авионите, прописно. Надлетувањето над Азербејџан е возбудливо, пошто е ветровита територија, и почнува со пустина а завршува на море. Касписко. Додуше, и тој делот пред морето е тро‘ пустински. Нема тука многу вегетација. Градот е убав, сполај ти, час мислиш си во Дубаи, час во Куманово, па ‘во Београду‘. Калабалак од згради во секакви можни стилови, ама интересни. Луѓето се пријатни, фини, услужливи – само што зјапаат во нас (и во сите други странци, особено тие со акредитации како висулчиња), како да сме паднати од небо. Стар тритмант! Фала богу и ние еднаш да се осеќаме како ѕвезди, а да не сме. Море сме. (Па што!)
Како што бива на секоја Евровизија, и годинава иста песна: спиење максимално 4 саати на ден, пошто време се нема да се постигне се. Милка, нормално, МОРА да ги посети сите забави. (Значи, реков МОРА.) А бидејќи женско само навечер по Баку не се движи, Стонога и јас си одиме секаде со неа и ги убедуваме минувачите дека Милка е травестит. (Демек, со тоа поарно ќе си поминеш.) Ма нема врска, се зезам. Ништо до сега се нема случено, и нема извештаи за проблеми од кога странциве (ние) го опседнавме Баку, ама навистина женско по улица навечер нема да видиш, освен еве вака, како ние што си ја имаме Милка.
Нема да ве заморувам со смештај и проблемите околу него, главно имаме стан и кревет за спиење (кои ги гледаме, рековме, 4 саати на ден, вклучувајќи го тука и утринското кафе кое сами си го вариме и кое специјално си го донесовме од Скопје – Гранд Арома, ако баш морате да знаете, а Стонога донесе ѓезве). Туку, знаете кој е Стонога? Ајде да го дообјаснам, за неупатените – Стонога, кој у ствари се вика Аднан, или на галено Адо, е новинар од Радио Гетеборг кој работи програма на босански, и ја следи Евровизијата редовно, по работа. Како и ние, додуше. Годинава се исподоговоривме и заеднички рентавме стан (тој што го гледаме 4 саати дневно), и ги делиме трошоците. Ма лудница бре, болан. Инаку Стонога има некој слушател македонец во Гетеборг кој се вика Трифун (и има ‘женкица‘ што се вика Анастазија), кој му се јавува секој ден да си нарача песна (за себе и женкицата), и го вика Едо, иако сто пати му е објаснето дека името е Адо, а не Едо. По некоја случајност, Трифун му ја нарачал еднаш и песната ‘Милке, душо‘ која за Милка наша има особено значење… Туку, до кај бевме ние?
Евровизијата официјално се отвори во саботата на 19ти мај. Досега најнеорганизирано од било кога – кога црвениот тепих требаше да почне во седум-нула-нула навечер, тепихот сеуште го местеа и лепеа за асфалтот. Почна околу осум-нула-нула. Саат време на пустинска клима, милина. Кога почнаа делегациите да дефилираат, ние веќе бевме цркнати уморни од стоење на сонцено. Па се беше некако споро, стоевме додека можевме и додека не ни цркнаа батериите во камерите, па влеговме внатре да поткаснеме нешто пошто – гладни, нели… (Не дека не бевме цел ден јадени, бевме во ресторан Далида во центарот на Баку претходно и фино јадевме – Милка пица, јас хамбургер – ама од тогаш веќе 6 саати попминаа.) Кога она – нема јадење никаде, а си беше наведено дека ќе има ордеверчиња, ти реков ми рече, закуска, што ли. Имаше за делегациите, а ние не сме нивен член, ама и за нив – само по четворица од делегација можеа да влезат во ВИП делот. Скромно, де… Затоа алкохолот беше бесплатен, па се фрливме на тоа. За разлика од алкохолот, безалкохолните пијалоци се плаќаа. Чудно за една муслиманска земја, нели? Е, и тоа да видиш…
Во неделата на 20ти, подработевме што подработевме од сабајле (не многу, пошто претходната вечер се прибравме дома во 5 и пол, па се освестувавме во прес центарот), ама немаше премногу време бидејќи, нели, забава не смее да се пропушти, а српската почнуваше во 6. Па потоа веднаш следеше холандската. А по неа – израелската. Е ај‘ оди пропушти некоја? Мислам, Џоан Франка од Холандија ако не ја видиш во живо со пердувите на глава, ништо не си видел. И така, сите забави од неделата ги протеравме – освен руската, која ја пропуштивме во чест на Жељко пошто беа во исто време. Плус руската забава беше некаде уџумајлија, се одеше со автобус, и имаше место за само 28 луѓе. Отпосле дознавме дека била за никаде, значи, добар избор сме направиле. Као, им наплаќале по 100 евра за да имаат маса за седење. Не знам јас таа работа. Ние ништо не плативме, а супер си поминавме. Кај Жељко беше ептен на ниво, со амбасадорот на Србија во Азербејџан и сите марифети, како што доликува на забава што е закажана од 6 до 8 вечер. Имаше и убави ордевери, пијалоци, се што треба. Плус дојдоа сите од бивша ЈУ, ем Иви лепотицата од Кипар, па Гаитана од Украина, Лореен од Свериге… Убаво беше, стварно. Ене и слики имаме да видите. (А кога ќе се видите со Милица, нека ви раскаже за шишето вотка.)
Холандската забава беше една од поуспешните, на отворено, во ресторан на шеталиштето покрај море, и една толпа локално население која стоеше околу ресторанот и зјапаше во сите што беа внатре како да Холивуд се преселил во Баку. (А да знаеја само кои лузери биле внатре…) Имаше многу народ – да не беше Црногорската делегација немаше шанси да не пуштат внатре, тие не внесоа со нив (нашата делегација не не кани никаде пошто не не играат – со странци поарно им оди муабетот, па затоа сега и си ги имаме во делегација). Другите делегации не дружат фино, па со нив влегуваме каде инаку не би можеле (Српската најмногу не почитува, Милица да ни е жива и здрава, а годинава ете и Црногорската ни е наклонета). Сите се малку во прашалник зошто нашите не си играат со нас, кога ем растураме во ‘Човече, не љути се‘, ем земено вкупно, минативе неколку години по број на одработени саати најмногу имаме работено по Евровизии од сите наши вистински новинари. А јас си мислам, тоа може да е нов и многу паметен тренд. Дружи си ги странците пошто од нашите медиуми, кои и да се, поен нема да видиш – македонците не можат да гласаат за Македонија, а дури и да можат, не се знае никогаш дали и навистина ќе гласаат, по принципот ‘на комшијата козата‘. А ако од некого немаш корист, што ќе ти го, нели… Затоа можеби странските делегации нас и не шмирглаат, пошто си мислат, еве сега добар напис, позитивна реклама, и оп! Ете ти поенче од Македонија. Има тука некоја логика. Па ако размислам поубаво – и не треба нашиве да не дружат. Ама барем за новинарските акредитации да не се расправаме секоја година, да не мора како годинава да ги добиваме преку други држави и институции (господ здравје да им даде). Или да добиевме некој прес материјал (ако веќе го има) без да мораме да молиме како сирачиња, пошто кој веќе не не праша за промо материјал на Калиопи, а ние немаме ни за нас да им ги дадеме нашите. Ама ај‘ нема врска, не сме дојдени тука за делегацијата и логистиката на ем-ти-ви туку за Калиопи. На Калиопи & компани секоја чест, таа не дружи колку што може – не ни очекуваме повеќе, пошто е нон-стоп барана, каде и да се појави веднаш околу неа новинари за муабет. Така и треба. Ние од страна ќе сликнеме неколку пати, ќе си мафнеме или намигнеме, и доволно е. Само таа нека си го чува гласот, за некој ден треба да отпее баш така како и што знаеме дека ќе отпее. А ние сме тука да го промафтаме знамето од време на време, колку да дадеме до знаење дека некој од Македонија сепак е присутен во овој прес центар. И дека ќе има некој во сала да ја бодри Калиопи во првите редови, да знае дека некој, сепак, е со неа, и за неа, и дека некој, ете, се довлечкал дури до Азербејџан само заради неа, од мерак. И за тоа не добива дневници. (Мислиме на дневници со денарска противвредност, а не на дневници каде што класниот/класната запишува неоправдани.)
Aпропо промо материјали, годинава доста оскудно. Од година во година се забележува опаѓање во квантитетот и квалитетот на промотивните материјали, што значи дека сите штедат. И ние сигурно не сме имуни на тоа. Бројот на присутни новинари е исто опаднат – Дојче Веле, на пример, реномирана куќа која редовно праќала цела екипа на Евровизија и покривала програма на неколку јазици, годинава изгледа не пратила ниту еден. Оскудација. Сега баш разменувам информации по е-маил со една нивна новинарка со која редовно се гледавме по Евровизииве еднаш годишно, пошто го покрива настанот далечински, од информации што ги добива од други како нас. Тоа ти е.
И до каде дојдовме? Последната забава, по Холандската, беше Израелската во Евроклубот. Не знам дали навистина беше досадно или ние бевме веќе уморни (плус под импресии од претходната Холандска журка која беше извонредна), не се задржавме премногу и си отидовме некако рано. Настапот на Изабо, додуше, беше одличен. Ене ѕирнете некоја слика, колку да се знае дека и тоа се случило.
Ту би контињуд. Бидете така. Ваши, Милка и Игор.
















